Утре, на 7 мај, за време на посетата на Папата Франциск, сите наши сограѓани навремено и непречено ќе ги добијат неопходните здравствени услуги и интервенции.

Клиничкиот центар во Скопје ќе биде прилагоден на посебните меѓународни стандарди коишто се применуваат во сите земји кои ги посетува Папата, со цел најпрофесионално и најбрзо да се одговори на евентуални медицински потреби на високата делегација предводена од Папата.

Во кругот на Клиничкиот центар од 6 мај (понеделник) од 18:00 часот до утре (вторник, 7 мај) до 18:00 часот, нема да биде дозволено паркирање на приватни автомобили, односно ќе се пропуштаат само возилата на Итната медицинска помош.

Сите граѓани коишто во овој временски интервал ќе имаат потреба од медицинска услуга да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември” (или поранешната Воена болница), или во Универзитетската клиника по хируршки Болести „Св. Наум Охридски“, во центарот на Скопје.

Клиниката за гинекологија и акушерствo ќе биде достапна за пациентките, како и клиниката за детски болести, до која ќе се пристапува од задниот влез на Клиничкиот центар, поточно од кај хотелот Тасино Чешмиче.

Булеварот „Мајка Тереза“, односно поранешна „Водњанска“, ќе биде затворена во периодот од 08:30 до 10:00 часот Граѓаните до коишто нема да стигнат овие информации и сепак поради итна потреба ќе се упатат кон Клиничкиот центар, истите ќе бидат прифатени и ќе ја добијат потребната интервенција и преглед.