Поглаварот на Римокатоличката црква Папата Франциск во рамки на апостолската посета на Република Северна Македонија, по официјалниот пречек и средбата со претставниците на државниот врв, ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза каде оствари средба со религиозните лидери и граѓани од ранливи категории.

Во кусото обраќање, сестрата од редот на Мајка Тереза, му посака добредојде на Неговата Светост Папата Франциск, нагласувајќи дека посебно и е мило бидејќи Скопје е родното место на големата Светица, Мајка Тереза.

„Различни сме еден од друг по националност, јазик, раса и вера со болни и потресни искуства, но сите соединети во надеж, една човечка надеж, која бара достоинство и помош, но пред сѐ Божествена надеж која е жива во сите нас, Чеда Божји”, упати зборови на благодарност сестрата од Сестрите Мисионерки на Божјата Љубов.

Папата Франциск во дворот на Меморијалниот центар ,,Мајка Тереза” се сретна и благослови граѓани кои припаѓаат на социјални ранливите категории. Една самохрана мајка, му ја раскажа својата тажна приказна и истакна дека кога се нашла во тешка животна ситуација заедно со нејзината ќерка била прифатена од Чесните сестри, иако е од православна вероисповед и упати благодарност до Чесните сестри и Светиот отец, додавајќи:

,,Чесните сестри никогаш не настојуваа тоа да се смени или јас да ја променам верата. Тие се грижеа за нас, ни дадоа покрив над главата, разбирање и се што требаше”. По напуштањето на дворот на Спомен куќата на Мајка Тереза, Неговата Светост Папата Франциск кон плоштадот ,,Македонија” каде што тој чиноначалствуваше со светата Литургија, се движеше во својот папа-мобил и се поздравуваше со присутните верници.

Апостолска посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија [07.05.2019]