Свети Оче, од апостолски времиња, на овие географски простори, до денес одекнува навестувањето на Христовата радосна вест на Спасението. Од онаа благословена ноќ кога Апостолот на Народите, св. Павле, имал видение и кога му се укажува некој Македонец (спр. Дела 16,9), христијанската Радосна вест поминала во Европа. Од тоа време како да го слушаме гласот на навестителот на радосната вест св. ап. Павле. Тој глас одекнува двеилјади години во историјата на христијанството. Тука е како сеуште да одиме по стапките на светите браќа Кирил и Методиј, кои минувајќи низ долината на Вардар патуваат на пат кон Моравија.

Можеби тие застанале во античката метропола Стоби, чиишто архиолошки ископини сеуште сведочат за силното и важно христијанско седиште. Секако, учениците на Св. Браќа, св. Климент и Наум, и нивните придружници продолжиле од овие места да ги евангелизираат Словените. Црквата на овие простори ја пишува својата историја како една, света, католичка, апостолска но и маченичка и прогонувана Црква, често во окови. Во бурните времиња секогаш сме живееле – а и сега живееме – во просторот на средби и допир меѓу Истокот и Западот, на ветерницата на трите традиции на Источното и Западното христијанство со светот на Исламот. Се обидуваме да ја живееме цивилизацијата на мирот, соживотот и градењето на Општество за општо добро на сите во оваа Земја.

Вашето доаѓање, Свети Оче, е благослов за нашата мала помесна Црква: колку за римскиот – западен, толку и за византискиот – источен обред, во својство на почитуваните: Скопска бискупија и Епархијата „Успение на Пресвета Богородица во Струмица-Скопје“. Денес во Македонија живеат и дејствуваат сестрите Евхаристинки, кои своето седиште го имаат овде; Ќерки на Милосрдието на св. Винко, сестрите Усмиљинки; сестрите Мисионерки на љубовта на св. Мајка Тереза, Движењето на Марииното дело – женскиот фоколар и Неокатекуменскиот пат.

Често не поттикнувате и охрабрувате, велејќи дека имаме право да сонуваме. Да, треба да знаеме да сонуваме, да гледаме во неверојатната иднина, која Бог ни ја подготвува.

Ве молам, Ваша Светост, да се обидете да ја доживеете оваа наша средба, како апостол Павле, во таа одредена визија на Македонецот кој го преколнува: „Дојди во Македонија и помогни ни“ (Дела 16,9). Имаме потреба од Вашите охрабрувачки зборови. Треба да растиме во квалитетот на живеење без комплекс на помала вредност, чувствуввајќи се малобројна заедница. Треба од Вас да ги слушнеме Исусовите зборови: „Не бој се, мало стадо“ (Лк 12,32). Овој пат, и ние сонуваме дека Петар во Вашата личност дојде да ни помогне. Каква среќа, ова не е сон, туку реалност! Ве поздрвувам овде како Петров наследник, како Апостол кој претседава во љубов со сите цркви, како гласник на мирот и Радосната вест, еднаш утврдени, засекогаш утврдувајте не во верата…

Ви благодарам, Свети Оче, зашто имавте визија и слух за најмалите и за оние на периферијата.

 Нека Вашата посета биде благословена и ја ставаме под заштита на нашата голема сограѓанка, Света Мајка Тереза, што Вие ја воведовте во хорот на светиите на Католичката црква и ја ставивте како пример на сите оние кои со искрено срце го љубат Бога и човекот.