Претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во доцните попладневни часови на скопскиот аеродром учествуваа во свеченото испраќање на Неговата светост, Папата Франциск кој денеска беше во еднодневна, историска посета на нашата земја.

Папата Франциск и бројната делегација на Католичката Црква и на Ватикан, ја завршија посетата со богата програмска содржина која вклучи средби со државниот врв на Република Северна Македонија, средба со сиромашни граѓани, со свештениците и верниците на Католичката Црква во нашата земја, како и света литургија на која присуствуваа неколку илјади граѓани од земјата, од регионот и од повеќе европски земји.