Биографија на Папата Франциск

Хорхе Марио Бергољо, папата Франциск (Франциск I) е роден на 17 декември 1936 год. во Буенос Аирес, Аргентина во семејство со пет деца. Татко му бил италијански мигрант. Дипломирал хемиска технологија, но подоцна се одлучува да стане свештеник и влегува во богословија. Во новицијатот на монашкиот ред Дружба Исусова (позната како Исусовци) влегува на 11 март 1958 год.

Хуманистичките студии ги завршува во Чиле, а по враќањето во Буенос Аирес, завршува филозофија на Филозофскиот факултет при колеџот „Сан Хосе“ во Сан Мигел.Следните две години предавал книжевност и психологија на колеџот „Имаколата“ во Санта Фе, а во 1966 год. ги предавал истите предмети на колеџот „Салваторе“ во Буенос Аирес. Од 1967 до 1970 год. студирал теологија на Теолошкиот факултет при колеџот „Сан Хосе“ во Сан Мигел.

На 13 декември 1969 год бил ракоположен за свештеник, а во Дружбата на Исусова во Алкала де Енарес (Шпанија) го поминал својот трет пробандат од 1970 до 1971. На 22 април 1973 ги дава своите доживотни завети. Бил магистер на новаците во “Вила Барилари” во Сан Мигел (1972-1973), преофесор на Теолошкиот факултет, конзултор во својата Провинција и ректор на колеџот. На 31 јули 1973 бил именуван за провинцијал на Аргентина и на таа служба бил шест години.

Меѓу 1980 и 1986 година ја извршувал функцијата ректор на колеџот и Филозофскo-теолошкиот факултет, а бил и парох во бискупијата Сан Мигел. Во март 1986 година заминал во Германија каде ја завршил докторската дисертација. Подоцна бил преместен во колеџот „Салваторе“, а оттаму бил преместен во црквата на Дружбата Исусова во градот Кордоба, каде ја извршувал службата на духовник и исповедник.

Тогашниот папа, свети Иван Павле II на 20 мај 1992 год. го именувал за помошник бискуп на Буенос Аирес, а на 27 јуни истата година во катедралата во Буенос Аирес кардиналот Антонио Куарачино го ракополага за бискуп.За надбискупски коадјутор на Буенос Аирес бил именуван на 3 јуни 1997, а на 28 февруари 1988, по смртта на кадриналот Куарачино, го наследува на неговата надбискупска служба. Бергољо меѓу останатите функции бил ординариј за верниците од источен обред кои живеат во Аргентина, како и Голем канцелар на Аргентискиот католички универзитет.

На десетото редовно општо собрание на Синодот на бискупите одржано во октомври 2001 бил генерален релатор. Од ноември 2005 до ноември 2011 бил претседател на Аргентинската бискупска конференција. Свети Иван Павле II го именувал за кардинал на конзисториумот на 21 февруари 2001, со средиште во црквата Св. Роберт Белармино. Бил член на Комисијата за Латинска Америка, Советот за семејство, Конгрегацијата за богослужба и дисциплина на светите таинства, како и на Конгрегацијата за посветен живот.

Бергољо е автор на: “Meditationes para religiosos” (Медитации за монасите) 1982, “Reflexiones sobre la vida apostolica” (Рефлексии за апостолскиот живот) 1986 и “Reflexiones de esperanza” (Рефлексии за надежта) 1992.Станал популарен меѓу народот како „кардинал на сиромашните“. Имено, Бергољо додека ја извршувал службата надбискуп патувал со јавниот превоз, а наместо во бискупска палата, тој одбрал да живее во изнајмен стан. Говори шпански, италијански, а го користи и германскиот јазик.

Познат е како добар готвач, љубител на операта, пријател на грчката класика, на Шекспир и Достоевски, а исто така бил добар пливач иако од детството има тешкотии со белите дробови.Кардиналот Хорхе Марио Бергољо беше избран за поглавар на Католичката црква на 13 март 2013. Тој е прв папа кој му припаѓа на монашкиот ред на Дружбата Исусова, доаѓа од Латинска Америка и прв папа кој го зема името Франциск.